Собрание

Пратениците на готовс да дебатираат и за викенд

10.03.2022 14:40

Социјал демократите велат - Владата е таа која има легитимитет и одговорност да предлага мерки, а опозицијата има право да реагира.

Пратениците на готовс за да дебатираат и за викенд за да го изгласаат пакетот економски мерки предложени од владата. Потребно е само предлозите да стигнат до собранието. Несомнено кога и да ги разгледуваат пратениците ќе следува дебата меѓу власта и опозицијата која има поднесено свои предлози за справување на кризата. Социјал демократите велат- Владата е таа која има легитимитет и одговорност да предлага мерки, а опозицијата има право да реагира.

„Се надевам дека опозицијата ќе сфати дека владата е најодговорна и владата е чинителот којшто треба да излезе со конкретни мерки и препораки. Опозицијата има право да каже дали се согласува или не со мерките и да предложат амандмани“, рече Снежана Калевска Ванчева од СДСМ.

Опозицијата веќе најавува амандмани на владините пакет мерки кои за нив се нецелосни и претставуваат трчање по гол популизам. Инсистираат на намалување на акцизата за горивата за 50 проценти.

„И викендот да работиме нашата пратеничка група ќе присуствува на расправата, ќе поднесеме амандмани за да ги подобриме законите и граѓаните да видат вистински бенефит од мерките“, рече Ели Панова од опозициската ВМРО-ДПМНЕ

Сепак неизвесно дали викендов ќе има нова пленарка. Спикерот Џафери објасни дека пратеници и од власта и од опозицијата се на обука, која претходно била договорена.

„Салата е празна бидејќи пратениците од власта и опозицијата се на обука денеска утре и задутре, значи до сабота. Оваа обука беше договорена многу одамна“, рече Талат Џафери.

Нова собраниска седница засега официјално е закажана за вторник, на која се предлог-законите на ВМРО-ДПМНЕ за 50 проценти помала акциза и нула ДДВ за основните прехранбени продукти.

Миле Ристески