Пропадна изборот на петмина јавни обвинители
Поради немање кворум, пропадна изборот на петмина јавни обвинители во Одделот за организиран криминал и корупција предводен од Вилма Русковска. Нова седница на Советот на јавни обвинители за оваа точка е закажана за следната недела…

Претседателот на советот, Антонио Јолевски информираше дека иако сите членови биле информирани за седницата, отсутни беа тројца – Љубомир Јовески, Иџет Мемети и Љупчо Ивановски. Овој избор треба што побрзо да се заврши, бидејќи Обвинителството е доведено во тешка состојба, истакна Јолески, додавајќи дека врз него лично нема политички притисоци во врска со изборот.
„Јас сакам ова да го завршиме, не само заради нас, туку и за самото Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција бидејќи тие се доведени во тешка состојба со бројот на обвинители“, истакна Антонио Јолевски – претседател на Советот на јавни обвинители.
Огласот за петмина јавни обвинители, чиј мандат истече во февруари, е распишан во ноември минатата година. И состојбата во Јавните обвинителства низ Македонија е лоша со години наназад, беше оценето на седницата.
„Во моментов имаме над 70 обвинители недостаток според систематизација. Зборуваме за редовно нормално работење, а не за проширената систематизација, бидејќи во меѓувреме се измени Законот за кривична постапка и на обвинителите им се додадоа нови обврски“, вели Јолевски.
Јавен обвинител во Крива Паланка нема повеќе од седум години, нема ниту во Свети Николе, а од минатата недела нема ниту во Делчево и таму покриваат обвинители од други обвинителства, објаснува Јолевски.
Марија Котовска
