Над два милиони луѓе ја напуштија Украина
Над два милиони луѓе ја напуштија Украина од почетокот на конфликтот со Русија. Најголем дел од нив побарале спас во соседна Полска, Унгарија и Словачка. Според Обединетите нации, Европа се соочува со најбрзо растечката бегалска криза по Втората Светска војна. Дел од експертите за миграција проценуваат дека стариот континент може да очекува прилив од 10 милиони украински бегалци …

Руско-украинскиот конфликт ја предизвика најголемата бегалска криза во Европа по Втората светска војна. Илјадници луѓе секојдневно ги преминуваат границите на Украина, барајќи спас во соседните земји. Полска е меѓу оние кои несебично им понудија помош и засолниште на сите кои беа принудени да го спакуваат целиот свој живот во еден куфер и да тргнат кон подобро утре.
„Девет дена бевме во подрум. Не знам зошто ни се случува ова. Зошто напаѓаат Русите, зошто пукаат? Ние сме обични луѓе. Како може да убиваат деца?“
Во спасувачките операции се вклучуваат и волонтери од цела Европа. Пожарникари и полицајци дежураат деноноќно во граничните региони.
„Повеќето се смрзнати, некои се и со хипотермија. Ние ги загреваме со овие жолти прекривки, термо-ќебиња, и им покажуваме дека не се сами“, изјави Жил Тејард, волонтер од Франција.
Но, Полска не е крајната дестинација за многумина. Дел од нив се обидуваат да стигнат до Обединетото Кралство.
„Минуваме низ ужас. Напаѓачите се дивјаци, бандити кои убиваат деца. Сакам да одам кај син ми во Британија.“
„Си велиме дека ќе биде добро, и само чекаме. Можеби ќе треба една, две недели за да добиеме британска виза.“
Обид за влез во Британија и од територијата на Франција, но неуспешен поради сложена процедура со документи. Британската гранична полиција спречи 300 украински бегалци од Кале да влезат на нејзина територија. Лондон, кој досега не го сметаше за приоритет ова прашање, го обвини Париз за пасивен однос. По овој случај, владата најави ублажување на својата политика за прием на бегалци.
Засолниште им се нуди и во Холандија. Мастрихт, Утрехт и Ротердам веќе ги пречекаа првите карвани.
„Видете колку автобуси и возови пристигнуваат. Веќе донесовме стотици кревети, а утре ќе бараме и нова локација. Очекуваме да биде преполно. Но не е само тоа. Луѓето мора да се регистрираат, да се тестираат за ковид, можеби некој сака да се вакцинира. Можеби носат и миленици, и ним им треба здравствен преглед. Ако останат подолго, ќе бараат и образование за децата“, изјави Анамари Пенте Страке, градоначалничка на Мастрихт.
Руската воена операција во Украина почна на 24 февруари. Досега се регистрирани над два милиони бегалци.
Маја С. Филдишев
