Леб, масло и брашно во продажба по набавна цена, забрана за извоз на зејтин
Владината одлуката е објавена во Службен весник и ќе важи до крајот на мај. Надлежните не очекуваат празни рафтови поради продажбата на трите производи без маржа...

Лебот, зејтинот и брашното тип 400 во малопродажба по набавна цена. Се намалуваат профитните маржи на 4 проценти во трговијата на големо и 3 проценти во трговијата на мало за шеќерот, млекото, свежото месо, сувомеснати производи, сирење и урда, ориз, јајца, шпагети и макарони. Рабат и надоместоци за рекламирање и изложување периодов нема да се пресметуваат. Владината одлуката е објавена во Службен весник и ќе важи до крајот на мај. Надлежните не очекуваат празни рафтови поради продажбата на трите производи без маржа.
„Се работи само за три производи, повеќето од трговците на мало, маркетите и супермаркетите имаат илјадници производи кои ги имаат во своите маркети и тие нема да имаат загуби од овие производи. Правиме напори да го намалиме притисокот врз зголемувањето на цените и да го заштитиме стандардот на граѓаните“, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.
Донесена е времена забрана за извоз на масло од сончоглед откако е утврдено дека од почетокот на месецов надвор од земјава се продадени 330 тони. Се прават анализи, тоа да важи и за брашното, пченката, пченицата зашто и за нив има голема побарувачка однадвор. Се размислува за субвенционирање и за увоз на зејтин без царина од сите земји, а не само од ЦЕФТА
„Ние сме за слободна трговија, ги почитуваме сите договори коишто сме ги потпишале и форуми каде што ние членуваме, но првично треба да се погрижиме за домашниот пазар. Ова е времена мерка, кога ќе видиме дека има простор да се дозволи извоз, одлуката ќе ја поништиме“, изјави Бектеши.
Според дел од стопанствениците, ограничувањето на профитната маржа е подобра опција од замрзнатите цени.
„Промената што се направи од трговска маржа во профитна маржа е прифатлива за компаниите до една маржа и тоа е солидарноста што можеме да ја дадеме во оваа ситуација“, изјави Дурим Зеќири, Стопанска комора на северозападна Македонија.
Од одлуката за утврдување највисока маржа се изземени зеленчукот и овошјето зашто се очекуваат производи од Турција по пониска цена, која поради украинската криза беше принудена да се преориентира кон други пазари.
Мартин Пушевски
