Расте бројот на заболени од морбили, расте и интересот за вакцинирање
Дури 70 проценти од заболените воопшто не биле воопшто вакцинирани. Од Центарот за јавно здравје велат вакцинацијата во март е зголемена за 10 % во однос на февруари годинава...

За десет дена регистрирани се 25 нови случаи на заболени од морбили. Од почетокот на епидемијата до денеска бројката достигна до 50. Дури 70 проценти од заболените воопшто не биле воопшто вакцинирани. Од Центарот за јавно здравје велат вакцинацијата во март е зголемена за 10 % во однос на февруари годинава.
Ова денеска на прес-конференција во Министерството за здравство го истакна раководителот на одделението за епидемиологија при Центарот за јавно здравје Скопје, Лилјана Лазаревска, која рече дека според податок кој го имаат од Здравствен дом Скопје за опфатот на вакцинацијата, во февруари и март дадени се 2.450 дози на деца вакцинирани со МРП вакцина според редовниот календар за имунизација на ниво на град Скопје.
„Според возрасната структура од 50 потврдени случаи 35 лица или 66 отсто се на возраст од 19 до 43 години, 17 лица се на возраст од нула до четири години и едно лице е на возраст од 15 години. Од почетокот на епидемијата досега хоспитализирани се 35 лица. Во моментот 11 лица се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби меѓу кои едно бебе од пет и пол месеци“, рече Лазаревска.
Мерките кои Центарот за јавно здравје Скопје заедно со Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство и Здравствениот дом Скопје ги преземаат се засноваат на засилен епидемиолошки надзор, епидемиолошко истражување на сите лабораториски потврдени сомнителни случаи на морбили, посочи Лазаревска.
