Украина во фокус на самитот на лидерите на ЕУ во Версај
Во Версај, Европа на дводневниот неформален самит ќе разговара за кандидатурата за членство на Украина. „Руската агресивна војна претставува тектонска промена во европската историја“ се вели во нацрт-декларацијата. Неизбежна тема на средбата во замокот на Луј 14-ти е и енергетската зависност на Европа од Русија...

Пред пет години, Емануел Макрон, токму во Версај го пречекуваше претседателот на Русија, Владимир Путин, сакајќи да воспостави привилегирани односи. Пет години подоцна, Макрон ги пречекува лидерите на државите членки на ЕУ на неформален самит, посветен на војната во Украина, санкциите за Русија и последиците.
Самитот ќе биде можност да се разговара за членството на Украина, Молдавија и Грузија во ЕУ. Франција сака да биде јасна- не станува збор за притискање на овие три земји во илузии за брзо членство, додека конфликтот беснее. Но, ќе биде неопходно, уверува советник на претседателот Макрон, „да ѝ се испрати на Украина политички сигнал за припадност кон европското семејство“.
„Претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен е на дводневниот состанок на премиерите на земјите-членки на Унијата што се одржува во Версај. Повеќе информации ќе имате на нивната утрешна прес-конференција“, изјави Стефан де Керсмакер, портпарол на Европската комисија.
Сите очи главно се вперени во Киев. Сите се согласуваат да испратат порака за надеж, да покажат дека Украина припаѓа на европското семејство. Но, 27-те лидери ќе мора да одат подалеку и да ѝ дадат политички насоки на Комисијата. Дали треба да се анализираат сите три барања истовремено? Да се оди брзо? Што да се прави со земјите кои се веќе кандидати- Албанија, Северна Македонија, Црна Гора, Србија, Турција? Поделбите се силни и одразуваат „различни истории, мислења и чувствителност во ЕУ за проширувањето“, вели истражувачот на SWP, Илке Тојгур.
Тони Гламчевски
