Финансиска поддршка за порибување
Со 13,3 милиони денари државни пари ќе се финансира зголемувањето на рибниот фонд. Порибувањето и годинава е обврска на концесионерите кои за неговата реализација ќе се субвенционираат. Во годишната програма за рибарство предвидени се и пари за дополнителна физичка заштита на рибниот фонд.

Субвенциите се наменети за надомест на прифатливи трошоци за вршење на вештачки мрест, за обезбедување на порибителен материјал или за инвестиции во изградба на нови и реконструкција и адаптација на постоечките риболовни пунктови. Финансиска поддршка има и за користење на пунктовите кои се во приватна сопственост.
Со еден милион денари ќе се поддржува изградбата на нови или обновување на мандрите за лов на риба на Дојранското Езеро и тоа за изработка на проект и набавка на градежни материјали.
Во годишната програмата за рибарство се предвидени и пари за дополнителна физичка заштита на рибите која се врши во време на природен мрест по одделни риболовни води. Со 1,5 милиони денари ќе се финансираат и рибочуварите со просечна месечна бруто-плата во дејноста, горивото како и изнајмувањето на пловни објекти. Еден милион денари се наменети за организација на манифестации за промоција на производи од рибарството и учество на саеми.
Јавниот повик со рокови за поднесување на барањата и утврдување документација која се приложува за користење на средствата ги објавува Платежната Агенција.
Методија Трајков
