Руската армија ја проширува офанзивата
Ни интензивните дипломатски обиди за мировно решение ниту санкциите не успеаја да ги прекинат воените дејствија во Украина. Руската армија ја проширува офанзивата. Нападите продолжија и во текот на ноќта, овој пат во повеќе градови. Мариупол беше изложен на артилериски удар на секои триесет минути. 400 илјади луѓе се заробени во овој пристаништен град. Воздушни напади и во Дњепар при што има жртви. Погодени се градинка, станбена зграда и двокатна фабрика.

Сателитските снимки покажуваат дека 64-километарскиот руски конвој кој од минатата недела се движеше кон Киев е растурен и разместен. Оклопните единици се забележани кај градовите во близина на аеродромот Антонов северно од престолнината. Според компанијата „Максар текнолоџис“, дел од возилата се во шумите. Американскиот конгрес усвои буџет за Украина којашто ќе добие 14 милијарди долари во вид на хуманитарна и воена помош.
Конфликтот се прелеа и во економијата и медиумскиот простор, а сега веќе се стравува и од можна здравствена криза. Москва тврди дека САД финансирале воено-биолошки програми во Украина. Киев и Вашингтон негираат дека се подготвува напад со хемиско и биолошко оружје.
„Ние сме разумни луѓе. Јас сум претседател на една разумна држава и разумен народ. Во мојата земја не се развива никакво оружје за масовно уништување. Целиот свет го знае тоа“, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски.
„Нивната влада користеше забранети хемиски оружја врз сопствениот народ. Тоа го правеа на руска територија. Го направија и на британска. Го поддржаа бруталниот режим на Асад кој исто така употребуваше забрането хемиско оружје против својот народ. Поради тоа, знаеме дека ова е влада која ќе се, која може да се и која се служеше со ова во минатото. Друг загрижувачки фактор се тактиките на Кремљ, особено во дезинформирањето“, изјави портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс.
Во меѓувреме, СЗО бара од Украина да ги уништи сите опасни патогени во лабораториите на јавното здравство за да се спречи ширење на болести. Експертите за биолошка безбедност сметаат дека руската офанзива и бомбардирањата ја зголемуваат заканата од излез на тие патогени при оштетување на објектите.
Проблемот е тема на дискусија и на состанокот на Советот за безбедност на Обединетите Нации.
Маја С. Филдишев
