Инвестиција

Американската КСС ќе вложи 20 милиони долари во Кичево

04.04.2014 15:42

20 милионска инвестиција која ќе отвори 1.000 работни места во Кичево. Заменик – претседателот на Ки Сејфти Системс, Џим Скарпа, во разговор за МТВ ги откри плановите на компанијата за земјава. Високо ја оценува бизнис – климата во Македонија и најавува зголемување на инвестицијата...

Воздушни перничиња од Кичево за светски марки на автомобили. 20 милионска инвестиција која ќе отвори 1.000 работни места. Џим Скарпа од “Key safety systems„ во ексклузивно интервју за МТВ ги откри бизнис – плановите. По пет и пол годишни преговори со владиниот тим, конечно ја донесле финалната одлука за инвестирање во земјава.

„Ние сметаме дека бизнис-климата е мошне поволна за инвестирање во производство во земјата. Веруваме дека владините политики за привлекување странски инвестиции, за развој на инфраструктурата во земјата и особено за подобрување на образованието на населението се мошне напредни и тоа е она што не привлече во земјата“, изјави Џим Скарпа, заменик – претседател на КСС.

Годинава почнуваат со работа во веќе постоечки погон, а потоа ќе се префрлат во слободната зона, во објект што ќе се простира на 10.000 квадратни метри. Над милион евра ќе чини изградбата на инфраструктурата во зоната, која стартува в понеделник и која ќе се одвива паралелно со изградбата на фабриката.

„Веќе сме во напредни разговори со компании кои се потенцијални добавувачи за КСС и кои тесно соработуваат со нив. Очекувам дека во блиска иднина и тие ќе ни дадат зелено светло за лоцирање на своето производство во Македонија“, изјави Виктор Мизо, директор на ДТИРЗ.

За сите вработени ќе има обуки вели Скарпа, но дел од вработените ќе бидат луѓе кои имаат искуство од текстилната индустријата. Компанијата со седиште во Мичеген брои над 9.000 вработени.

 

Мартин Пушевски