Македонија

Администраторите на „Јавна соба“ добија по 4 години затвор

11.03.2022 14:07

Администраторите на „Јавна соба“ добија по 4 години затвор за ширење детска порнографија. Изречени првите пресуди за креаторите на групата на Телеграм за вознемирување девојки и жени.

Кривичниот суд во Скопје им изрече затворски казни на администраторите на групата „Јавна соба“ на Телеграм за вознемирување малолетнички и жени. Обвинетите Дарко Костовски и Михаил Паневски, како креатор, односно модератор на групата добија по четири години затвор.

Според судот, тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина на кој се прикажани полови дејствија со дете. Адвокатите на двајцата обвинети велат дека ќе поднесат жалба до Апелација.

Случајот со „јавната соба со мрачни тајни“ беше откриен на почетокот на 2021 година, кога жртвите алармираа за злоупотребата на социјалните мрежи од страна на демначите. Телеграм ја затвори групата, а полицијата кон крајот на јануари минатата година ги приведе нејзините креатори. Потоа имаше обид за повторно отворање на слични групи, по што надлежните најавија законски измени со ригорозни законски казни за да се справат со демначите на социјалните мрежи. Отворен беше уште еден случај – „Јавна соба 2“, кој е во фаза на предистрага. Двете групи се претпоставува дека броеле над 12 илјади членови.

Катерина Топалова