Одбележани 79 години од депортацијата на македонските Евреи во Треблинка
На 11-ти март пред 79 години, 7.144 македонски Евреи од Скопје, Битола и Штип се депортирани во логорот на смртта Треблинка. Оттаму, никогаш не се вратија. Делегации од еврејската заедница, претставници на владата, на дипломатскиот кор, невладиниот сектор, пријатели на заедницата и граѓани, положија цвеќиња пред споменикот којшто бил привремен концентрационен логор на депортираните Евреи …

На 11-ти март пред 79 години. 7.144 македонски Евреи беа депортирани во логорот Треблинка. Оттаму никогаш не се вратија.
Евреите од Битола, Штип и од Скопје, ноќта меѓу 10-ти и 11-ти март 1943-та година биле собрани во скопскиот монопол и депортирани во логорот Треблинка во Полска. За само 14 месеци биле убиени 925 илјади луѓе, меѓу кои биле и 7.144-те македонски Евреи.
Моето семејство изгуби 84 члена, раскажува Виктор Мизрахи. Преживеал само неговиот татко Самоел кој формирал семејство. Мизрахи потенцира дека познавајќи ја својата историја, ја градиме својата иднина.
„Историјата се повторува. Не сум сигурен дека ја научивме лекцијата. Моите родители еднаш изгубија сè и заминавме за Сараево. По 30 години повторно имаше војна. Тогаш заминавме да живееме во Канада. Сега сум тука за да им оддадам почит на сите македонски Евреи“, изјави Лео Леви.
И денес луѓето се жртви на безумните војни. Сведоци сме на стотици илјади расеани лица од завојуваните подрачја. Но, дали извлековме поука, дали имаме сила да ги сопреме страдањата на милиони луѓе во целиот свет. Според претседателот на Еврејската заедница, треба поинтензивно да се работи на заедништво и соживот.
Делегации од еврејската заедница, претставници на владата, на дипломатскиот кор, невладиниот сектор, пријатели на заедницата и граѓани, денес положија цвеќе пред споменикот на 7.144 македонски Евреи по повод 79 години од нивната депортација.
Александра Спировска
