Собрание

Законите од пакетот антикризни мерки пред пратениците, најавени амандмани

11.03.2022 16:55

Во Собранието седница за законите од пакетот антикризни мерки. ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека ќе гласа за предложените мерки од Владата, иако смета дека се задоцнети и недоволни. Најавуваат и дека ќе поднесат пет амандмани. И Алијанса за Албанците најави амандмани...

Предлозите за измени и дополнувања на Законот за данокот на додадена вредност и Законот за акцизи, пред пратениците. Опозициските партии најавуваат амандмани.

ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека ќе гласа за предложените мерки од Владата, иако смета дека се задоцнети и недоволни. Најавуваат и дека ќе поднесат пет амандмани со четири суштински забелешки.

„Ние ќе гласаме за предложените мерки, иако сметаме дека се задоцнети. Многу од мерките веќе беа предложени од опозицијата претходно уште пред дваесетина дена, а на 28-ми февруари се поднесени како предлози во Собранието. Зошто Владата одбива да ги прифати предлозите на опозицијата, не знам, но гледаме дека она што ќе се одбие, по неколку дена се прифаќа“, изјави Бојан Стојановски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

И Алијанса за Албанците најави амандмани за антикризните мерки. Партијата предлага намалување на акцизите за дизел горивото од 15,5 на девет денари, на бензините од 22 на 15 денари и намалување на ДДВ за двата вида гориво од 18 отсто на повластена стапка од пет отсто.

Премиерот Димитар Ковачевски попладнево ги повика пратениците што побрзо да ги усвојат измените и дополнувањата на Законот за ДДВ и Законот за акцизи, за да се обезбеди брза имплементација на донесените мерки за заштита на животниот стандард и ликвидност на компаниите.

Од Владата посочуваат дека со измените и дополнувањата на двата закона ќе се обезбеди намалување на највисоките малопродажни цени на бензините и другите нафтени деривати и ќе се ублажи ценовниот шок.