Култура

Велешки театар седум месеци без одиграна претстава, се завршува изградбата на зградата

11.03.2022 17:05

Поради завршување на изградбата на зградата на велешкиот театар, ансамблот седум месеци нема одиграно претстава на сцената…

Седум месеци нема претстави на сцената на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“. Таму изминатиот период беа во тек градежни и изведбени работи за завршување на зградата. Објектот работеше, примаше публика и се изведуваа претстави, иако шест години немаше технички прим. Министерството за култура најави дека санацијата ќе заврши до крајот на ноември лани. Овој рок одамна помина, сцената на театарот и натаму е празна.

Државниот завод за ревизија во 2018-та констатираше дека велешкиот театар работи иако нема технички прием. Во писмените забелешки објавени тогаш, меѓу другото пишува дека „театарот е пуштен е во употреба во јуни 2014 година, иако на истиот сè уште се извршуваат градежни работи“. Во меѓувреме на објектот од театарот се работеше на завршни изведбени работи и одредени санации на настанати оштетувања во внатрешноста и надворешноста на објектот.

Со годишната програма за работа за оваа 2022 година, финансирана од Министерството за култура, велешки театар доби средства за две претстави: „Мадам Батерфлај“ во режија на Андреј Цветановски и „Антигона и Софокле“ во режија на Дејан Ангелов.

Петар Печков