Охриѓани сè почесто возат под дејство на алкохол
Интензивните полициски контроли, одземањето на возачките дозволи и високите казни се чини како да не ги даваат посакуваните резултати во Охрид кога се работи за управување на моторни возила под дејство на алкохол. Податоците на полицијата покажуваат дека само во првите два месеци од годинава бројот на лица кои управувале возило под дејство на алкохол е далеку поголем во споредба со минатата година, односно за два месеца бројот на алкохолизирани лица е само за сто помалку во споредба со целата 2021-ва година...

Во јануари и февруари регистрирани се 189 возачи коишто управувале патничко моторно возило под дејство на алкохол. Споредено со целата измината година кога биле затекнати вкупно 283 возачи коишто управувале возило под дејство на алкохол тоа е огромна бројка, што значи дека дел од возачите ги игнорираат постојаните апели на полицијата и зачестените контроли кои секојдневно се спроведуваат.
„Напоменувам дека во еден дел од случаите на сообраќајни незгоди на подрачјето на Охрид полициските службеници кај возачот констатирале присуство на алкохол. Дел од овие сообраќајни незгоди резултирале со загинати лица и лица со здобиени тешки телесни повреди“, изјави портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димовски.
Поради ваквата состојба во претстојниот период контролите ќе бидат уште позасилени со цел да се зголеми безбедноста во сообраќајот.
„Контролите ќе бидат на различно време и простор, контролите ќе се спроведуваат на коловозите во градот и приградските населби, на регионалните, магистралните и локалните патишта. Целта на овие контроли е да се подигне свеста и совеста кај возачите на моторни возила, да се подигне степенот на безбедносната култура и секако да се подигне севкупната сообраќајна безбедност“, додава Димовски.
Иако во јавноста преовладува мислењето дека главно младата популација вози под дејство на алкохол податоците покажуваат дека се работи за лица од сите возрасни групи што значи дека годините немаат влијание врз совеста на возачите.
Сашо Нелоски
