Политика

Мицкоски: Мерките се задоцнети и недоволни за справување со кризата

12.03.2022 13:38

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потсетува дека неговата партија уште пред неколку недели предложи мерки кои Владата тогаш не ги прифати, туку подоцна модифицирана ги доставила до Собранието.

Владиниот сет антикризни мерки не е доволен и е задоцнет, нема драматично да ја подобри состојбата – ова е ставот на лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој потсетува дека неговата партија уште пред  неколку недели предложи мерки кои Владата тогаш не ги прифати, туку подоцна модифицирана ги доставила до Собранието.

„Тие што се суштински, ВМРО – ДПМНЕ уште пред неколку недели ги предлагаше, но поради надменоста на оваа Влада и самобендисаноста, тие не успеаа да се надминат себе си и тогаш да ги прифатат, па еве малку модифицирани ги доставија до Парламентот. Ги поддржавме, иако се задоцнети и иако знаеле пред четири ипол месеци дека до ова ќе дојде. Вистинското прашање е зошто не се подготвиле и зошто навремено не реагирале, туку чекаа по инерција задоценто, да се случи ова што денеска се случува“, истакна Мицкоски.

Од СДСМ велат, во време на најголема глобална и економска криза, ги ублажуваме последиците и ги помагаме граѓаните и компаниите. Оттаму посочуваат дека следува целосна реализација на сетот од 26 мерки, вреден 400 милиони евра.

„Со мерките го укинуваме ДДВ за основните производи храна, 0%. Лебот, брашното, маслото за јадење, млекото, шеќерот, месото, јајцата и оризот се опфатени со оваа мерка. Дополнително ги укинуваме и царинските давачки за увозот на основните прехранбени производи. Маржите за основните производи храна ги замрзнуваме за да нема наднормален профит врз грбот на граѓаните. Со овие мерки го ублажуваме ценовниот шок врз клучните производи храна. Ја намалуваме акцизата за горивата и го намалуваме ДДВ за енергенсите од 18 на 10%.Го укинуваме ДДВ при увоз на гас, електрична и топлинска енергија“, изјави портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски.

Мерките во Собранието беа донесени со над 90 гласа за, без против и воздржани.

 

Марија Котовска