Антикризни мерки

Мерките се спроведуваат, горивата поевтинуваат

12.03.2022 15:16

Откако Собранието ги усвои, Владата на седница ги донесе одлуките со кои започна спроведувањето на антикризните мерки. Намалени се акцизата и ДДВ-то на енергенсите и на храната. Од полноќ, поевтинуваат горивата. Паѓаат цените и кај основните прехранбени производи…

Почна примената на мерките за справување со последиците од кризата. Владата на седница ги усвои потребните одлуки, откако собранието даде „зелено светло“ за измените на законите за ДДВ и за акцизите.

26-те мерки, државата ќе ја чинат 400 милиони евра. Од нив, 100 се откажување од приходната страна. На расходната страна, дел од трошоците се предвидени, за дел се прави пренамена. Ликвидноста на буџетот останува стабилна, уверува министерот за финансии Бесими. Вели, економскиот ефект од мерките се очекува да биде над 500 милиони евра и со нив ќе се заштити стандардот на граѓаните.

Инфлацијата, нагласи Бесими, тешко може сега да се процени во овој период, со оглед на драстичната промена на пазарите во Европа и светот по руската инвазија на Украина, но нашите неофицијални процени се инфлација од 3,4 проценти во првата половина од годината.

„Од тој аспект во овој период цените одат на повисоко, како што беше за јануари и февруари. Ние во овој аспект со нашите мерки даваме наш придонес. Ние постојано преземаме мерки. Ги согледуваме сите сценарија – и тие со највисоки галопирачки инфлациски очекувања и тие со умерени очекувања во однос на ситуацијата, доколку се стабилизираат состојбите на пазарите“, изјави Бесими.

Институциите уверуваат дека нема место за паника. Ги повикаа граѓаните да не наседнуваат на лажни вести и да бидат рационални во трошењето на енергенсите.

Надлежните се задоволни од конструктивната расправа во Собранието којашто резултираше со заедничко носење на законите. Одлуките кои повлекуваат намалување на цената на бензините и на основните прехранбени производи веднаш беа објавени во „Службен весник“.

Миле Ристески