Сали: Сè уште не е време за укинување на ковид-мерките
Анализите на Министерството за здравство покажале дека земјава сè уште не е подготвена целосно да ги укине ковид-мерките по примерот на европските држави. Според министерот Сали намалувањето на рестрикциите во најголем дел ќе зависи од процентот на имунизација на населението.

Дел од клиниките кои работеа како Ковид центи се затвораат, намален е бројот на хоспитализации. Но и покрај ова, анализите на Министерството за здравство покажале дека земјава сè уште не е подготвена целосно да ги укине ковид-мерките по примерот на европските држави. Според министерот Сали намалувањето на рестрикциите во најголем дел ќе зависи од процентот на имунизација на населението.
„Бројот на имунизираност кај невакцинирани, а прележани е околу 76%, што значи дека сме на граница меѓу жолтата и зелената зона и тоа не ни дава гаранции дека можеме да ги намалиме мерките и да ги укинеме. Си дадовме задача уште две недели да ги следиме состојбите во земјава и регионот“, изјави министерот за здравство, Беким Сали.
Притисокот да се справат со пандемијата не е единствен предизвик за здравствените работници. Лани, 77, 8 проценти од докторите рекле дека биле подложни на физичко или вербално насилство, од пациенти или роднини. Ова го покажала анкетата на лекарската комора која опфатила 1.061 доктор. На меѓународниот ден побараа од надлежните поригорозни казни за напаѓачите, бидејќи не можат да работат во страв.
„Стравот од повторен напад од физички или некаква одмазда е голем, луѓето не пријавуваат ни во полиција, за жал и тогаш кога ќе се пријави во органите на системот и тогаш оди споро или тешко и пријавите се многу малку во однос на реалните напади, вербални и физички“, изјави Калина Гривчева-Старделова, претседателка на Лекарска комора.
Министерот Сали вети дека ќе се заложи побрзо да бидат имплементирани измените на Законот за здравствена заштита за негово усогласување со кривичниот закон, кога напад врз здравствен работник ќе се казнува како напад врз службено лице.
Викторија Милевска
