Болницата „Свети Еразмо“ со нови методи за лекување на пациентите
Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ од Охрид се вбројува помеѓу најуспешните на Балканот. Тоа е резултат на постојаното воведување на нови оперативни методи во лекувањето на пациентите и следењето на светските трендови во оваа област. Од неодамна во оваа болница се изведуваат и најсложени неврохируршки операции поради што пациентите од југозападниот дел на државата не ќе мораат да патуваат во Скопје…

Охридската Специјална болница „Свети Еразмо“ отсекогаш била позната по воведувањето на нови методи во лекувањето поради што веќе седум децении се наоѓа помеѓу врвните здравствени институции на Балканот во областа на ортопедијата и трауматологијата. Од средината на февруари по набавката на софистициран неврохируршки микроскоп се вброи и помеѓу центрите каде што се вршат најсложени операции од областа на неврохирургијата.
„Ова значи дека и за самите колеги ќе е од огромно значење за олеснување на интервенцијата, а посебно ќе биде од значење за пациентите. Пред извесно време ставивме во функција најсовремен апарат за магнетна резонанца. Болницата сега е комплетно опремена за целиот циклус на лекување од предоперативна подготовка, поставување и уточнување на дијагнозата, брза дијагностика, самата интервенција и постоперативна рехабилитација“, изјави д-р Ацо Велески-директор на Специјалната болница „Свети Еразмо“ Охрид.
Покрај пациенти од нашата држава во оваа болница со децении се лекуваат и лица од странство.
„Оваа болница врши просечно околу 500 интервенции само за ендо протетичка замена на колк и колено, ги врши околу 70 до 100 операции од доменот на неврохирургијата, веќе е рутинска метода астроскопијата на коленото и скочниот зглоб. Од пред околу еден месец започнавме со нова метода протетика на рамениот зглоб“, изјави д-р Велески.
Специјалната болница успешно се справува и со проблемите кои ги наметна коронакризата. Тоа го потврдува и податокот дека минатата година овде биле извршени над 1.200 оперативни зафати и 38.000 амбулантски прегледи.
Сашо Нелоски
