Економска криза

За власта мерките даваат резултат, опозицијата критикува- решенијата се задоцнети

13.03.2022 14:31

Горивата од денес со пониски цени поради намалувањето на акцизата и на ДДВ-то. Власта оценува-антикризните мерки даваат резултат и ќе го заштитат стандардот на граѓаните. Опозицијата критикува-решенијата се задоцнети, не запираат непродуктивните трошоци.

Нафтените деривати веќе се со пониски цени. Нафтата за 9, а бензинот за 6,5 денари. Граѓаните секој со свое гледање на поевтинувањето.

Новите 26 антикризни мерки, вредни 400 милиони евра веќе даваат резултат, тврди Владата. Оттаму посочуваат дека со сите досегашни политики, мерки и одговорно владеење, Владата покажа дека умее да се справи со предизвиците. Од СДСМ коментираат дека цените на основните прехранбени производи остануваат стабилни, а граѓаните се заштитени од ценовен шок.

„Со овие политики на СДСМ во време на криза директно се влијае на подобрување на финансиската состојба на 320 илјади пензионери и над 80.000 работници. Знаеме сите дека нема да биде лесно, сето ова е последица од инвазијата врз Украина, но со вистински политики, со одговорност, со посветеност ќе ја пребродиме и оваа криза. Очекуваме сите чинители во државата да покажат одговорност, да се солидаризираат и заеднички да придонесат да ја пребродиме оваа глобална криза со најмали штети“, изјави Костадин Ацевски од СДСМ.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека токму владата е директен виновник за кризата со којашто во моментов се соочуваат граѓаните. Велат, иако Владата знаела дека економска криза ќе има, сепак потрошила два милиони евра за непродуктивни трошоци, а донела мерки кои се недоволни и задоцнети.

„Владата изминативе месеци, откако знаеле дека ќе има ваква сериозна криза, воопшто не штеделе и биле посветени единствено на луксуз, луксуз кој што само тие ќе го користат преку владините понуди. Потрошиле над 2 милиони евра само на луксуз изминативе неколку месеци откако знаеле дека ќе има криза. Кога велам луксуз мислам на вистински луксуз. Непродуктивни трошења, наместо антикризни мерки. Луксуз наместо штедливост. Расипништво наместо домаќинско трошење и менаџирање на парите“, нагласи Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.

И додека опозицијата бара власта да се откаже од непродуктивни трошења, од „Илинденска“ посочуваат дека струјата е поевтина, минималецот покачен, а обезбедена е финансиска помош и за пензионерите.

Миле Ристески