Напади и во западна Украина
Ракетирана воена база кај Лавов во близина на полската граница. Има загинати и повредени. Погоден и аеродромот кај Ивано-Франковск. Се интензивираат нападите во западна Украина. Сирени за тревога се слушаат во повеќе градови на земјата...

Руската војска успеа да се пробие до најзападните делови на Украина. Во последните операции ѝ е зададен нов сериозен удар на воената инфраструктура. Уништена е воената база во Лавов во близина на границата со Полска, како и аеродромите во Ивано-Франковск и во Луцк. Во нападите има и жртви.
„Затоа бараме НАТО да го затвори небото. Ако се бориме со непријател кој не влегува во Украина, туку лансира проектил, потребно е да поседуваме солиден систем за воздушна одбрана“, изјави Максим Козицки, гувернер на Лавов.
Од руското Министерство за одбрана објавија снимка од воената акција за освојување на стратегиската воена база Хостомел во близина на Киев.
„Онеспособени се вкупно 3.687 објекти на украинската војска. Уништени се 99 авиони, 128 беспилотни летала, 1.194 тенкови и други оклопни возила“, рече Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.
Под непријателски оган се најде и патнички воз за евакуација во Доњецк при што загинал кондуктерот, а друго лице е повредено.
Според претседателот на Украина, Зеленски, Москва се обидува да создаде нови т.н. „псевдорепублики“.
„Русија ја претвора својата држава во аналогија на таканаречените „Доњецка народна република“ и „Луганска народна република“. Во голема област, изолирана од остатокот од светот каде што владее сиромаштијата, каде што сè се одредува само со насилство“, нагласи украинскиот претседател Зеленски.
Тројца негови советници објавија снимка од центарот на Киев кој наликува на град на духови.
„Киев е секогаш убав. Дури и во воени времиња“, вели Михаил Подолјак, шеф на кабинетот на претседателот Зеленски.
„Штета што е вака празен градов, но успеавме да најдеме кафе“, додава Давид Аракамиа, лидер на парламентарното мнозинство на Украина.
Руската инвазија во Украина трае 18 дена. Бројот на бегалци надмина 2,5 милиони. Москва го обвини Киев за спречување на хуманитарните коридори.
„Осми пат по ред обезбедивме хуманитарни коридори во Киев, Чернихив, Суми, Харков и Мариупол, еден кон Руската Федерација и друг, преку териториите контролирани од властите на Киев, кон западните граници на Украина. Ниеден не беше потврден од Киев, што уште еднаш ја покажува рамнодушноста на властите кон сопствениот народ“, рече Михаил Мизинцев, шеф на командата на Националната одбрана на Русија.
Според кабинетот на украинскиот претседател, двете страни се приближуваат до компромис. Зеленски му предложил на израелскиот премиер Нафтали Бенет преговорите да се одржат во Ерусалим. Во меѓувреме, денес во Москва нови антивоени протести и нови апсења.
Маја С. Филдишев
