Воен конфликт

Украинската пратеничка Рудик: Потребна е забрана за летови за да запре руската инвазија

13.03.2022 15:00

За македонските новинари, украинската пратеничка Кира Рудик, раскажа како во првите денови на руската агресија, со колеги се вооружиле и го основале отпорот за да им помогнат на украинските сили. Иако се спротивставуваме на копно, стратегијата на Путин, вели Рудик, е да напаѓа од воздух...

Украина не е падната, веќе 18-ти ден се бориме на секое парче земја, за да ѝ одолееме на најголемата армија на светот, сведоштво на украинската пратеничка, лидер на партијата „Глас“, Кира Рудик, која живее во Киев, град кој е под руска опсада.

За македонските новинари раскажа како во првите денови на руската агресија, со колеги се вооружиле и го основале отпорот за да им помогнат на украинските сили. Иако се спротивставуваме на копно, стратегијата на Путин, вели Рудик, е да напаѓа од воздух.

Тврди дека во моментов под опсада се поголемите градови, Харков, Мариопул, Киев, а од денес и Лавов, кој се наоѓа на полската граница. Стравува дека конфликтот ќе биде глобален поради можната нуклеарна хаварија во Чернобил и Запорожје.

„Сите очекуваат дека Путин би притиснал на некое црвено копче коешто би предизвикало нуклеарна војна, но тоа не е стратегијата. Ние се плашиме дека е можен напад и уништување на нуклеарните централи Запорожје и Чернобил. Тоа и го забележавме последниве денови во Чернобил и ако продолжат руските активности можно е да дојде до нуклеарна хаварија“, вели украинската пратеничка Рудик.

Поради воздушните напади најголемите украински градови не можат да се снабдат со храна и вода. Рудик бара од сојузниците да овозможат зона за забранети летови над Украина за да престане бомбардирањето.

„Тактиката на Путин е да ја искористи неговата воена доминација, за да ни ги уништи градовите и да ги изгладни луѓето. Ова планира да го направи и во Киев. Во моментов тие користат воени напади за да го уништат предградието на мојот град, и нè опколија со цел да го прекинат снабдувањето со храна и вода. Ова се случи и во Мариопул, таму луѓето топеа снег за да имаат вода. Затоа ни е потребна помош од НАТО“, нагласува Рудик.

Конфликтот веќе предизвика последици по глобална економија и хуманитарна криза.

Викторија Милевска