Земјоделство

Вегетацијата во мирување, нема штети од студот

14.03.2022 07:42

Студените и снежни денови кои продолжија и овој месец ја разладија атмосферата. Сепак, минусните температури и студот се поволни за земјоделците. Го успорија можното предвремено пролетното будење на вегетацијата бидејќи зимата трае, а опасност од мразови и измрзнување сè уште има.

Разладувањето на атмосферата, со врнежи од дожд и снег и со пониски дневни температури, во изминатата седмица, го успорија или го одржуваа на исто ниво пролетното будење на овошките. Без разлика што ваквите температури некаде беа многу ниски и под просекот ова е добро за овој период од годината затоа што опасност од мразови и измрзнување сè уште има.

Ниските утрински минимални температури кои ќе останат и во текот на оваа недела, особено во првите неколку дена, може да паднат и под-5 степени, долна граница која во оваа фаза е пониска од издржливоста на овошките и според агрометеоролозите може да има измрзнување и штети особено во регионите каде што бадемот, сливата и раните кајсии се веќе расцветани.

Во повисоките места каде што будењето на вегетацијата не е почнато ваквото студено време ќе биде добро, и овошките и виновата лоза подолго време ќе ги одржи во фаза на мирување која колку подолго трае, толку се поголеми и шансите да имаме поуспешна реколта, велат експертите.

Доколку, почвените услови дозволуваат, земјоделците треба да продолжат и со подигање на нови овоштарници или лозови насади, како и кроење на овошките и виновата лоза, работа која насекаде не е целосно завршена.

Методија Трајков