Нова рунда преговори
19-ти ден од војната во Украина. Се очекува преговорите меѓу Москва и Киев да продолжат преку видеоврска. Најкритично е во Мариупол каде што снемува вода и храна. Напади и во Киев. Украинските власти порачаа дека почнале контраофанзива на Харков и Николајев.

Најавата за нова рунда преговори меѓу Украина и Русија не ги запре вооружените пресметки. Борбите продолжија и во текот на ноќта. Во Киев беше погодена станбена зграда при што има жртви. Ракетирана и уништена е и авионска фабрика во Антонов. Најкритично е во Мариупол каде што се трошат резервите со храна и вода. Таму украинските сили уништија руски оклопни возила. Дипломатските преговори би можеле да отворат пат за евакуација на поголем број цивили ден откако Русија ги интензивираше нападите во западниот дел на Украина.
„За жал, хуманитарните коридори во Мариупол се повторно блокирани. Направивме сè што беше потребно. Обезбедивме и прекин на огнот. Руските трупи го попречија движењето на помошта и автобусите. Но ќе се обидеме повторно“, изјави Володимир Зеленски.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски бара директна средба со неговиот руски колега Владимир Путин. Предупреди дека противникот ќе изврши напади и во соседните земји. Од НАТО бара забрана на летови.
„Ако не го затвориме небото сега, прашање на време е кога руските проектили ќе ви ја погодат територијата, територијата на НАТО, домовите на граѓаните на НАТО“, рече Зеленски.
„Нашите предлози се на маса. Строги се. Се однесуваат на повлекување на силите, прекин на огнот, и така натаму. Нема да се откажеме од нашите позиции. Русија веќе го сфати тоа и почнува да води конструктивен разговор. Мислам дека за неколку дена може да се постигнат конкретни резултати“, изјави Михајло Подолјак советникот на украинскиот претседател Зеленски.
Во борбите кои почнаа на 24 февруари загинаа стотици лица. Според Обединетите Нации, од Украина заминале 2,7 милиони луѓе.
Маја С. Филдишев
