Формула 1

Може ли некој да го запре Мерцедес?

04.04.2014 19:19

Новата сезона почна со доминација на двоецот, Хамилтон –Росберг. Луис отвори со две пол позиции и победа на втората трка воМалезија, Нико со триумф во Австралија и второ место во Куала Лумпур и со 44 поени создаде речиси двијна предност пред третопласираниот Алонсо со 2 четврти места на првите две трки, па логично возачите на Мерцедес влегуваат како главни фаворити и во гран-при викендот за големата награда на Бахреин...

Потврда стигна и по првиот тренинг на кој Хамилтон беше најбрз со 2 десетинки пред Розберг и безмалку 5 десетинки пред Фернандо Алонсо.Лош почеток на викендот имаше Ред Бул со повеќе од 2 секунди зад најдобрите.За одбележување од првиот слободен тренинг е моментот кога Алонсо на на излезот од гаражата  се појави со три медиум и еден мек(софт)  пневматик, па со туркање беше вратен да се корегира грешката.И по вториот тренинг поредокот беше сличен со уште поубедлива предност на болидите на Мерцедес.

Патеката Шакир на која се извршија вторите претсезонски тестирања им е добро позната на возачите, но вообичаено трката секогаш носи нови предизвици, особено поради високите температури што дополнително ќе ги потенцира проблемите со ладењето на новите погонски единици и уште повеќе што во квечерината на Шакир се очекува температурната разлика да биде поголема од 15-тина степени што ќе биде дополнителен предизвик во менаџирањето на пневматиците. Промени на патеката нема, двете ДРС зони остануваат на најдолгите правци, а првиот свиок го доби името на првиот победник во 2004-тата Михаел Шумахер, точно на денешен ден пред 10 години. И токму денеска пристигнаа и првите охрабрувачки вести за состојбата на големиот шампион. Според менаџерката на Шумахер, Сабине Кем, неговата состојба е значително подобрена. Шумахер покажува знаци на будење од тримесечната кома и според нејзината изјава на моменти е свесен и покажува значителен напредок. „Нашите мисли и молитви се со тебе Михаел“ -ќе биде испишано нa бариерите на првиот свиок на патеката во Бахреин. Преносите од квалификациите и од неделната трка во Формула 1 ќе можеме да ги следиме на собранискиот сервис од 17 часот.