Воен конфликт

Претседател Зеленски бара директна средба со неговиот руски колега Владимир Путин

14.03.2022 13:22

19-ти ден од војната во Украина. Се очекува преговорите меѓу Москва и Киев да продолжат преку видеоврска. Најкритично е во Мариупол каде што снемува вода и храна. Напади и во Киев. Украинските власти порачаа дека почнале контраофанзива на Харков и Николајев.

Новата рунда преговори меѓу Украина и Русија не ги запре вооружените пресметки. Во Киев – погодена станбена зграда и фабриката за авиони „Антонов“. На Мариупол му се заканува хуманитарна катастрофа. Украинската војска уништи руски оклопни возила. Самопрогласената Доњецка народна република соопшти дека непријателот истрелал ракета при што загинале 20 луѓе.

Дипломатските преговори би можеле да отворат пат за евакуација на поголем број цивили ден откако Русија ги интензивира нападите во западниот дел на Украина. Претседателот Володимир Зеленски бара директна средба со неговиот руски колега Владимир Путин.

„Ако не го затвориме небото сега, прашање на време е кога руските проектили ќе ви ја погодат територијата, територијата на НАТО, домовите на граѓаните на НАТО“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Нашите предлози се на маса. Строги се. Се однесуваат на повлекување на силите, прекин на огнот, и така натаму. Нема да се откажеме од нашите позиции. Русија веќе го сфати тоа и почнува да води конструктивен разговор“, изјави Михајло Подолјак советник на украинскиот претседател Зеленски.

За соседна Полска, гранатирањето на воената база во Лавов во близина на границата, е сериозна провокација. Покрај четвртата рунда преговори меѓу Москва и Киев во видеоформат, за украинската криза се дискутира и во Варшава каде што допатува и премиерот на Литванија.

Во меѓувреме, Кина негира дека примила барање од Русија за воена опрема и друга помош.

„САД шири дезинформации против Кина за украинското прашање со злобни намери. Кинескиот став е јасен и непроменет. Нашата улога е конструктивна во однос на мировните разговори. Сите страни мора да покажат воздржаност и да ги намалат тензиите, а не да додаваат масло во огнот“, изјави Жао Лиџијан портпарол на кинеското МНР.

Американски сенатори загрижени поради опасност од кибернетички напади од Русија како одмазда за воведените санкции за Москва.

Украинското министерство за одбрана почна да ја користи технологијата за препознавање лица позната како „Клирвју“ со цел да ги разоткрива побрзо и попрецизно руските напаѓачи, воените дезинформации и да ги идентификува загинатите. Од компанијата соопштија дека располагаат со над две милијарди фотографии добиени од руската мрежа за социјални медиуми „В Контакте“.

Маја С. Филдишев