Државен завод за ревизија

ДЗР бара финансиска и оперативна независност

14.03.2022 14:17

Со подобрување на правната рамка и усогласување со европската регулатива треба да се подобрат капацитетите на институцијата која е чувар на јавните средства, вели првиот државен ревизор Максим Ацевски.

Зајакнување на финансиската и оперативната независност бара Државниот завод за ревизија. Драфт-верзијата на законот презентирана пред јавноста. Со подобрување на правната рамка и усогласување со европската регулатива треба да се подобрат капацитетите на институцијата која е чувар на јавните средства, вели првиот државен ревизор Максим Ацевски.

„Наведените резултати ми даваат за право да верувам и да очекувам дека извршната власт ќе ја разгледа и прифати наведената верзија на Законот за државната ревизија и ќе предложи предлог-закон за државната ревизија кој Собранието на Република Северна Македонија ќе го разгледа и ќе го донесе. Донесувањето на законот за државната ревизија ќе обезбеди создавање услови за финансиската и оперативната независност на државниот завод за ревизија, создавање соодветно вреднување на вработените на Државниот завод за ревизија и создавање на соодветно контролно опкружување“, вели главниот државен ревизор Максим Ацевски.

Законското решение треба да обезбеди транспарентност при спроведувањето на ревизиите. Од Владата посочуваат потребен е и поефикасен механизам за извршување на дадените препораки. Забелешка имаат за предлогот за мандатот од двапати по девет години на ревизорот и неказнивоста на ревизорите.

„Тоа го детектиравме на уште една од првите седници на овој состав на Владата и донесовме заклучок дека треба да се најде нов механизам за како, кој е начинот за поефикасно следење на извршувањето на укажувањата од страна на Државниот завод за ревизија“, рече Славица Грковска, вицепремиер за борба против корупција.

Според невладините клуч за ефикасното трошење на јавните пари е воспоставување ефективни системи за финансиски надзор.

„Главните заклучоци од нивната работа освен што се споделуваат со релевантните институции, истите се комуницираат и со медиумите и со јавноста ставајќи дополнителен притисок врз субјектите да работата ефективно и во рамките на законите. Сепак за целиот систем на финансиски контроли да ја врши својата цел потребно е сите делови од тој систем да ја вршат својата улога“, вели Дамир Незири од Фондацијата за демократија „Вестминистер“.

Првиот закон за државна ревизија е донесен во 1999 година. Од институцијата велат со обезбедување квалитетни ревизорските извештаи целта е подобрување на животот на граѓаните.

Сунчица Николоска