Евроинтеграции

Борел: Процесот на проширување треба да заживее

14.03.2022 14:35

Не дојдов да го зголемувам евроскептицизмот во регионов, мојата посета покажува дека има европска иднина, став на шефот на европската дипломатија Борел. За премиерот Ковачевски целосно обединета Европа е силна Европа...

Процесот на проширување со земјите од Западен Балкан треба да заживее, но со надеж дека што поскоро би почнале претпристапните преговори на Северна Македонија и Албанија со ЕУ, изјави потпретседателот на Европската Комисија, Жозеф Борел по средбата со премиерот Ковачевски. Додаде дека посветеноста на земјава кон европските вредности, поддршка и осудата на руската агресија во Украина, ја става на патот кон Европа. Борел ги поддржува разговорите со Бугарија, но потенцира дека билатералните прашања не треба да бидат пречка за пристапниот процес.

„Северна Македонија и целиот регион се стратешки приоритет за нас и решени сме европската перспектива да ја направиме реалност. Разбирам дека имате одредени очекувања и со право. Мојот став е дека треба да почнеме што поскоро со формални разговори за пристапување на Северна Македонија и Албанија. Се надевам дека тоа ќе се случи на идната конференција“, изјави потпретседателот на Европската Комисија Жозеф Борел.

Премиерот Ковачевски вели дека македонската визија е напреден регион интегриран во Европа. Според шефот на Владата, проширувањето на ЕУ со земјите од западен Балкан не е само од стратегиско туку и од безбедносно прашање. Ковачевски додаде дека воспоставен е нов принцип на соработка со Софија, кој како што рече е вистинскиот пат по кој ќе се дојде до решение на спорот.

„Како никогаш досега се јавува потребата Европа да биде обединета. Ситуацијата меѓу Русија и Украина станува сè поалармантна, сите членки мора да делуваат. Единствено Европа која е обединета може да биде силна Европа. Сите мора да најдеме начин како да ги надминеме предизвиците коишто стојат пред нас“, изјави претседателот на Влада Димитар Ковачевски.

На средбата со високиот европски претставник, претседателот Пендаровски укажал дека отпочнувањето на пристапни преговори за земјава е тест за кредибилитетот на Европската Унија. Со новите геополитички динамики, ние не зборуваме за забрзување на нашиот процес, имајќи предвид дека Северна Македонија и Албанија имаат одлука за започнување на пристапните преговори од Советот на Унијата уште од март 2020 година.

Миле Ристески