Македонија

Ѓорѓиевска: Економската криза треба да биде причина повеќе за вклучувањето на жените во претприемништвото

14.03.2022 15:02

Шестотини информатички инженери годишно недостигаат во земјава. Иако платите во овој сектор се високи, само пет насто од студентите на овие факултети се девојки. Економската криза треба да биде причина повеќе за вклучувањето на жените во претприемништвото, вели првата дама.

Годишно недостигаат шестотини информатички инженери во земјава. Иако платите се високи, само пет насто од студентите на овие факултети се девојки, вели претседателката на МАСИТ Пешева.

„Треба да се стави акцентот за луѓе кои фактички не се во професијата, не треба сите да бидат ИТ инженери, но тука треба да ставиме акцент на неформалното образование кое дава конкретни вештини за некоја работа кои дури и факултет не ви ги дава“, вели Анета Пешева претседателка на МАСИТ.

Според првата дама Ѓоргиевска проблем е што на жените претприемачки сè уште се гледа како на исклучок од правилото а причините лежат во системските недостатоци. Економската криза треба да биде причина повеќе за вклучувањето на жените во претприемништвото, вели првата дама.

„Според најрелевантните меѓународни студии рамноправното учество на жените на пазарот на трудот го поттикнува економскиот раст и создава вредност за целото општество. Компаниите кои на раководни позиции имаат и жени се често пати по успешни поради пошироките видици и перспективи. Државите со поголема родова избалансираност многу побрзо и многу по лесно ги пребродуваат економските кризи“, вели првата дама Елизабета Ѓорѓиевска.

„Глобалното искуство на УСАИД покажува дека доколку барате начин за економски раст и можности, треба да инсистирате и да инвестирате во унапредување на женските можности во еднаквоста меѓу родовите“, вели Ерик Јановски претставник на канцеларијата на УСАИД.

Според ресорната министерка Тренчевска во наредниот период ќе се реализираат и програмите за вработување.

„За 2022 година предвидени се мерки коишто значат отворање на нови работни места и мерки коишто значат раст на правните субјекти и можност за невработените лица да отворат свои сопствени бизниси“, вели министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.

Сопствен бизнис ќе можат да почнат две илјади лица преку мерката за самовработување, со грант од пет илјади евра. За брачните двојки оваа сума се удвојува.

Ана Ј. Тодоровска