За украинската криза се дискутира во Варшава
Паралелно со четвртата рунда преговори меѓу Москва и Киев продолжуваат битките во Украина. Најкритично е во Мариупол каде што снемува вода и храна. Напади и во Киев и Харков. Кремљ тврди – руската операција се одвива според планот, не баравме помош од Кина. За украинската криза се дискутира и во Варшава.

Новата рунда преговори меѓу Украина и Русија не ги запре вооружените пресметки. Во Киев – погодена станбена зграда и фабриката за авиони „Антонов“. Воздушен напад и во Харков. На Мариупол му се заканува хуманитарна катастрофа. Самопрогласената Доњецка Народна Република соопшти дека непријателот истрелал ракета при што загинале 20 луѓе.
Претседателот Володимир Зеленски бара директна средба со неговиот руски колега Владимир Путин.
„Ако не го затвориме небото сега, прашање на време е кога руските проектили ќе ви ја погодат територијата, територијата на НАТО, домовите на граѓаните на НАТО“, изјави Володимир Зеленски.
„Нашите предлози се на маса. Строги се. Се однесуваат на повлекување на силите, прекин на огнот, и така натаму. Нема да се откажеме од нашите позиции“, изјави Михајло Подолјак советникот на Зеленски.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков тврди – Воената операција во Украина ќе биде целосно спроведена, Русија не бара помош од Кина.
За украинската криза се дискутира и во Варшава.
„Замрзнатите имоти да им се предадат на оние кои се нападнати, невините, беспомошните жртви на режимот на Путин. Нека се искористат за обнова на државата чијашто независност ја бранат херојски“, изјави премиерот на Полска Матеуш Моравјецки
„Литванија и Полска ја поддржуваат Украина и нејзиното интегрирање во ЕУ, ниедна друга земја не плати толку голема цена за да стане дел од европското семејство. Затоа мислиме дека Украина го заслужува статусот на кандидат на ЕУ“, изјави премиерката на Литванија Ингрида Симонит.
Американски сенатори загрижени поради опасност и од кибернетички напади од Русија како одмазда за воведените санкции за Москва.
Украинското министерство за одбрана почна да ја користи технологијата за препознавање лица позната како „Клирвју“ со цел да ги разоткрива побрзо и попрецизно руските напаѓачи, воените дезинформации и да ги идентификува загинатите. Од компанијата соопштија дека располагаат со над две милијарди фотографии добиени од руската мрежа за социјални медиуми „В Контакте“.
Маја С. Филдишев
