Има доволно количини брашно до почеток на новата жетва
Македонија има доволно количини брашно за домашни потреби и до почеток на новата жетва, изјави министерот за економија Крешник Бектеши. Се надева дека за една недела ќе се стабилизира пазарот и ќе се започне со извоз на македонското брашно. Дополни дека се информирани голем дел од амбасадорите во земјава, да помогнат за изнаоѓање алтернативни пазари за земјоделските производи како праската и јаболката, кои останаа без извоз, како последица од воените дејствија во Украина…

Нема простор за паника домашно брашно има доволно и до новата жетва, уверува министерот за економија Крешник Бектеши, кој посети една од поголемите мелници во тетовско.
Се надеваме дека ќе започнеме и со извоз на овој производ, оти само на тој начин конкурентноста на компаниите ќе се зголеми. Дополнително се разговара за увоз на брашно од соседните земји, со цел зголемување на стоковите резерви.
Во однос на струјата и дериватите државата ги презема сите неопходни мерки со крајна цел заштита на потрошувачите од ценовни шокови, интервенирајќи со субвенции и до 170 милиони евра, вели Бектеши.
Нема да се дозволи поскапувања на струјата како во некои земји и до 100%, но со воведување на блок тарифи, ќе ги заштитиме тие граѓани кои штедат, односно трошат помалку струја.
Опозицијата бара намалување на акцизата на горивата за 50%, но ние дополнително имаме и намален ДДВ на фиксни 10%, дополни Бектеши.
Инаку викендов во Скопје се казнети 7 маркети за непочитување на владините мерки во однос на цените на производите.
Бектеши писмено побарал пазарниот инспекторат да го применува и законот за заштита на потрошувачите, во кој е предвидено во случај на повторување на ваквите прекршоци, забрани за вршење на дејност до една година.
Зоран Димовски
