Македонија

Приградските населби во Куманово без јавен превоз

14.03.2022 16:01

Најголемите приградски населби во Куманово повеќе од два месеца се без јавен градски превоз. Изборот заглави во жалбена постапка. Жителите на овие населби се принудени да плаќаат такси превоз, кој поради рекордно високите цени на бензините, е поскап за 20 денари.

Повеќе од два месеци во поголемиот дел од Куманово не функционира јавниот градски превоз. Изборот на нови превозници заглави во жалбена постапка. Граѓаните од најголемите приградски населби се принудени да плаќаат такси превоз.

„Децата плаќаат такси за во училиште, двете одат едно во градинка едно во училиште и плаќаат по 100 денари такси во еден правец, лошо е еве ние сега дојдовме пеш“, вели една кумановка.

„За лекови да дојдеме на преглед не можеме да дојдеме. Такси да плаќам а јас земам 10.000 со што да платам такси, со што заб“, дополнува друга.

За проблемот со спорните линии одлучуваше второстепена комисија при Министерството за транспорт и врски, која ги прифати жалбите на превозниците. Од општината тогаш информираа дека мора да се распише нова постапка, иако превозниците тврдат дека согласно одлуката, градоначалникот е должен да изврши избор на компанија која ги исполнила условите. На последната седница Советот изгласа и одлука според која автопревозниците кои ќе ги добијат атрактивните линии ќе вршат превоз и во непрофитабилните рурални средини, за кои немаше интерес на огласот. Превозниците незадоволни, нагласуваат дека е противзаконски да се вклучуваат линии за кои се води постапка.

„Ќе следи жалба поради молчење на управа, работа којашто е предвидена со самиот закон. Во тој случај конечна одлука носи Министерството за транспорт и врски. Ќе биде поднесен поднесок до Државниот управен инспекторат заради незаконската одлука на Советот на општина Куманово и трета работа ќе следат тужби против општината за надомест на штета, односно изгубена добивка заради невршење на дејноста во овој период“, изјави Виктор Божиновски, правен застапник на дел од превозниците од Куманово.

Превозниците најавуваат и протест пред општината, на кој ќе ги повикаат и засегнатите граѓани. Во Куманово јавниот градски превоз не функционира од 1-ви јануари, па граѓаните мораат да користат такси превоз, кој согласно последната одлука на Советот, поради рекордно високите цени на бензините, поскапе за 20 денари. Досега беше по 60 денари за возење до 2 километри, а сега чини 80 денари, и за секој нареден километар по 40 денари.

Елена Георгиевска