Пандемија

Коронавирусот повторно зема замав во Кина

14.03.2022 16:45

Омикрон се шири од Шангај до Шенжен. Низ градовите се спроведува масовно тестирање. Јавниот превоз е запрен, а од граѓаните е побарано да работат од дома.

Пандемијата повторно зема замав во Кина. Со над 9.000 заразени во моментов, земјата има повеќе симптоматични случаи отколку што регистрирала во текот на изминатата година. Омикрон се шири од Шангај до Шенжен. Низ градовите се спроведува масовно тестирање. Јавниот превоз е запрен, а од граѓаните е побарано да работат од дома.

„Не сум загрижена за оваа епидемија. Избувнувањето на вирусот се случи во одредена област. Сè додека сме претпазливи, нема потреба да се плашиме“, изјави Тонг Син, сопственик на продавница.

Во ризичните подрачја деловните активности на повеќето фабрики се во прекин. Во Пекинг неколку станбени области се изолирани поради нови случаи. Дел од Кинезите не се загрижени за вирусот, повеќе ги мачи економската состојба и влијанието на пандемијата врз менталното здравје кај децата.

„Имам кредит за автомобили и станови. Ако работам од дома, нема да заработам доволно. Најголемо влијание вирусот има на мојот приход“, вели Ли Џинг, производител на чај.

„Мислам дека политиката за нула случаи е неопходна, особено за возрасни луѓе и деца. Ако го правиме она што го прават САД и европските земји, се прашувам дали тоа ќе влијае врз децата кога ќе пораснат? Сè уште не сме сигурни“, смета Ванг Јалин, ИТ инженер.

Кина две години ја спроведуваше стратегијата за нулта ковид со строги заклучувања и карантини. Во моментов во земјата бројот на заразени е помал во однос на пријавени случаи во Европа, САД и Хонгконг. Административниот регион во неделата пријави 32.000 новозаразени.

„Не размислуваме за дополнителни мерки. Можеби страдаме од епидемиски замор, но морам да апелирам до сите да бидат претпазливи“, нагласи Кери Лам-премиерка на Хонгконг.

Научниците го потврдија и постоењето на новата варијанта на коронавирусот, мутација од варијантите Омикрон и Делта. Првите случаи на „Делтакрон“ веќе се забележани во Европа и во САД.

Маријана Димовска