Почна судењето за „Софтвери“, Рашковски тврди дека не е виновен
Обвинителството ќе го увери судот дека Драги Рашковски, во својство на генерален секретар, нерационално, неекономично и непродуктивно ги трошел парите за набавка на софтвер, кабини и камери кои и по три години не се користат, рече обвинителката Русковска во своите воведни зборови. Никој нема објаснување зошто воопшто се набавени и кој ќе ги користи. Ќе докажеме дека ја злоупотребувал функцијата за свои лични и материјални цели, додаде таа. Одбраната на Рашковски тврди дека не е виновен за делото за кое се товари…

Почна судењето за случајот „Софтвери“. Според обвинителката Рускоска во воведните зборови, неколку месеци пред да се објави тендерот за софтверот за сообраќајни прекршоци, Рашковски се договорил да го патентира со наслов и спецификации како оние кои подоцна биле наведени во тендерската документација. Не е проблем патентот, туку тоа што трошел народни пари спротивно на законот и тоа за свој патент. Тој давал информации за бодовите на „Инвока груп“ и за тоа кога ќе се одржи наддавањето и самиот насочувал фирмата со која цена да настапи на тендерот. Со тоа ја контролирал „Инвока“ на која фиктивен сопственик ѝ бил Даниел Станчев.
Рашковски, но и сите обвинети, рекоа дека не се чувствуваат виновни и дека од судот ќе побараат на самото место да утврдат дали софтверите функционираат и дали кабините се поставени.
Одбраната на второобвинетиот Димитровски, универзитетски професор, рече дека обвинителството со економско вештачење треба да докаже дека на трансакциска сметка второобвинетиот му дал пари на обвинетиот Рашковски, и тоа без сведоци и обележани пари.
Русковска, исто така изјави и дека се надева оти в четврток ќе бидат избрани петте обвинители за организиран криминал.
Фиљана Кока
