Олеснети мерките против африканската свинска чума
По активности за спречување на болеста африканска свинска чума во 2 фарми во делчевско ветеринарните власти олеснуваат дел од мерките. Се укинуваат заштитните зони од 3 и 10 километри околу двете жаришта, а останува на сила забраната за работење на добиточните пазари и за движење на свињите надвор од фармите. Во ловиштата, мострите од угинатите и застреланите диви свињи задолжително треба да се испраќаат на лабораториско испитување. Оваа болест не е опасна за човекот.

Поради подобрената епидемиолошка состојба со болеста африканска чума кај свињите, Агенцијата за храна и ветеринарство донесе решение со кое се олабавуваат мерките за заштита од вирусот. Се укинуваат заштитните зони од 3 и 10 километри околу двете жаришта во делчевско. Одгледувачите на свињи, пак, и натаму се должни да ја следат здравствената состојба на животните и за секоја промена да го информираат официјалниот ветеринар или надлежното ветеринарно друштво. Големите фарми имаат обврска од секоја угината свиња да испратат мостри за лабораториско испитување.
Ловните друштва, треба еднаш неделно да вршат пребарување на ловиштата за пронаоѓање на угинати диви свињи.
Отстрелот на диви свињи се засилува во сите ловишта, независно од дозволениот број за ловење. Мостра од секој улов задолжително треба да се испрати на лабораториско испитување, а месото ќе може да се јаде само откако ќе добие негативен резултат од анализата.
Остануваат забраните за трговија и движење на свињи надвор од фармите, како и за колење во домашни услови.
Методија Трајков
