Воен конфликт

Продолжуваат преговорите меѓу Москва и Киев

15.03.2022 09:51

Русија и Украина ги продолжуваат преговорите, откако вчера беше прогласена „техничка пауза“. Позициите од двете страни непроменети. Паралелно со мировните преговори, продолжуваат и воени дејствија.

Продолжуваат жестоките судири во Украина. Пристигаат извештаи за масовни бомбардирања на три фронта-Харков, Славјанск и Авдејевк. Серија напади и во Киев. Бомбардирања и во Миколаев.

„Ова што се случува не може да се опише со зборови. Бомбардирани сме дење и ноќе. Кошмар што Русија го прави на територијата на Украина“, вели жителка на Миколаев.

Бројот на жртви и бегалци расте. Украинските власти обвинуваат за геноцид.

„Не може да ја победи нашата армија, па почна да се бори со невооружени луѓе, бремени жени, деца, цивили кои заминуваат. Тоа е геноцид во 21 век среде Европа“, вели украинскиот пратеник Алекс Гончаренко.

ЕУ го одобри четвртиот пакет санкции против Русија. Деталите сè уште не се објавени, но француското претседателство соопшти дека трговскиот статус на Русија како „најповластена нација“ ќе биде укинат. Тоа би можело да ја отвори вратата за блокот да воведе казнени царини за руски стоки и да ја стави Русија во рангот на земји како северна Кореја или Иран.

„ЕУ го одобри четвртиот пакет санкции против Русија-сигурен сум не е и последен. Работиме со партнерите на нови ограничувања што ќе се применат против руската држава. Секој кој е одговорен за војната, за уништувањето на демократијата, за репресијата врз луѓето-секој ќе добие одговор! Одговорот на светот. И ова е само почеток“, рече Володимир Зеленски.

По техничката пауза, денеска ново продолжение на четвртата рунда преговори меѓу Москва и Киев. Во меѓувреме, Русија соопшти дека сè уште не го добила барањето на Зеленски да разговара со неговиот колега, Путин.

Бојана Крстевски