Здравство

Се затвори модуларната болница во Куманово

15.03.2022 12:12

Поради стабилната епидемиолошка состојба во Куманово се затвори модуларната болница. Неколкуте пациенти се префрлени на инфективниот оддел, каде во моментов се лекуваат само девет лица.

Се затвори модуларната ковид болница во Куманово. Надлежните од општата болница информираа дека поради стабилната епидемиолошка состојба, односно намалениот број на болни на кои им треба хоспитализација, но и на новозаболени од коронавирусот, одлучиле неколкуте пациенти да ги префрлат на инфективниот оддел. Таму во моментов се сместени девет лица.

„Во петокот и последните пациенти од модуларната болница беа пуштени, кој на домашно лекување, двајца – тројца беа префрлени на инфективниот оддел, така што немаат потреба од нејзино отворање во моментов и да се надеваме дека нема да има понатаму потреба истата да биде ставена во функција“ -истакна директорката на Општата болница во Куманово, д-р Снежана Захариева.

Бројот на прегледи во дневната амбуланта исто така е намален и се движи околу 40, за разлика од периодот кога се прегледуваа и до 120 пациенти.

„Засега е стабилна епидемиолошката состојба, да се надеваме дека што подолго време ќе остане така. Што носи наредниот период не знаеме на глобално ниво знаеме што се случува, но овде реално бројките паѓаат, тоа е реалноста“ -дополни Захариева.

Лекарите укажуваат дека остануваат општите мерки и изолација за оние кои имаат симптоми или контакт со заболено лице. Активни на вирусот во Куманово во моментов се 76 лица.

Елена Георгиевска