Премиерите на Чешка, Полска и на Словенија заминаа за Киев
Русија и Украина денеска продолжуваат со онлајн преговорите, откако вчера беше прогласена „техничка пауза.“ Позициите од двете страни непроменети. Паралелно со мировните преговори, се одвиваат и воени дејствија. Премиерите на Чешка, Полска и на Словенија денеска на состанок со Зеленски.

Продолжуваат жестоките судири во Украина. Пристигаат извештаи за масовни бомбардирања на три фронта – Харков, Славјанск и Авдејевк. Серија напади и во Киев. Бомбардирања и во Миколаев.
„Ова што се случува не може да се опише со зборови. Бомбардирани сме дење и ноќе. Кошмар што Русија го прави на територијата на Украина“, вели Светлана Гришченко жителка на Миколаев
Бројот на жртви и бегалци расте. Украинските власти обвинуваат за геноцид.
„Не може да ја победи нашата армија, па почна да се бори со невооружени луѓе, бремени жени, деца, цивили кои заминуваат. Тоа е геноцид во 21 век среде Европа“, вели украинскиот пратеник Алекс Гончаренко.
Руското министерство за одбрана соопшти дека презеле целосна контрола врз територијата на регионот Керсон и дека трупите успешно напредуваат.
ЕУ го одобри четвртиот пакет санкции против Русија кој би можел да ја отвори вратата за воведување казнени царини за нејзините стоки и да ја стави во рангот на земји како северна Кореја или Иран.
„Тоа е најсилниот пакет санкции што некогаш бил усвоен од Европската Унија во нејзината историја. Не сакам да дадам имиња, но повеќе од 600-ини руси ќе бидат цел на тие санкции. Исто така, и голем дел од финансискиот систем ќе биде цел на санкциите. Ќе има нова забрана за извоз, за луксузни стоки, и ќе ја укинеме клаузулата за најповластена нација на Русија во светската трговска организација“, изјави министерот за економија, финансии и закрепнување на Франција Бруно Ле Мер.
„Работиме со партнерите на нови ограничувања што ќе се применат против руската држава. Секој кој е одговорен за војната, за уништувањето на демократијата, за репресијата врз луѓето-секој ќе добие одговор! Одговорот на светот. И ова е само почеток“, рече претседателот на Украина Володимир Зеленски.
Премиерот на Словенија, Јанез Јанша заедно со неговите колеги од Полска и Чешка, Моравјецки и Фиала во посета на Киев на средба со Зеленски. Целта е да се потврди поддршката на ЕУ за суверенитетот и независноста на Украина.
„Делегацијата ја претставува Европската Унија и Европскиот Совет. Целта е да се потврди поддршката за Украина и да се претстави широк пакет помош за земјата“, изјави шефот на канцеларијата на премиерот на Полска Михал Дворчик.
По техничката пауза, ново продолжение на четвртата рунда преговори меѓу Москва и Киев. Во меѓувреме, Русија соопшти дека сè уште не го добила барањето на Зеленски да разговара со неговиот колега, Путин.
Бојана Крстевски
