Евроинтеграции

Османи: Ставовите на нашата земја остануваат единствени согласно усвоената резолуција во Собранието

15.03.2022 13:18

На последната средба на министерот за надворешни работи Османи со бугарскиот премиер Петков во Анталија, договорено да се задржи динамиката на разговорите. Не беше постигнат договор по било кое прашање, но важно е тие средби да бидат чести, вели Османи. Кон крајот на март во Скопје доаѓа шефицата на бугарската дипломатија Генчовска.

По војната во Украина стана јасно дека проширувањето е безбедносна политика и за тоа се свесни сите европски членки, вклучувајќи ја и Бугарија, вели шефот на дипломатијата Османи. Политичките разговори околу разликите со Софија продолжуваат, и засега нема приближувања за отворените прашања, оценува Османи.

Според Османи, мнозинството земји членки се против внесување на билатерални прашања во преговарачката рамка како што бара Бугарија.

Пред најавената посета на бугарската шефица на дипломатијата, министерот за надворешни Османи вели дека ставовите на нашата земја остануваат единствени согласно усвоената резолуција во Собранието.

Северна Македонија ги исполни сите критериуми за почеток на преговори и ЕУ сака да биде старт на пристапниот процес што е можно побрзо. По состојбата во Украина, евроинтеграцијата доби нова динамика и ЕУ сега следи што ќе произлезе од засилениот дијалог меѓу Скопје и Софија, изјави евроамбасадорот Гир.

„Мора да се постигнат согласност на сите 27 земји членки за отворање на преговори со северна Македонија. Истовремено по засилениот дијалог се надеваме дека заедно ќе се реши и преговорите ќе почнат што е можно побрзо“, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир.

Од МНР соопштија дека уште 8 македонски државјани и членови на нивните семејства побарале евакуација од Украина. 20 одбиле да бидат евакуирани. Шефот на дипломатијата изјави дека се подготвуваме за прифаќање на бегалци од Украина доколку некои побараат засолниште во земјава.

Ирина Гелевска