ДКСК: Непостоечка фирма за лифтови добила околу 90 тендери, главно во јавни институции
Открива ли Антикорупциска организиран криминал на оператори кои со лажни ИСО сертификати за монтажа и сервисирање на лифтови снабдиле над 90 институции во земјава со лифтови и нивно сервисирање од 2018 година до сега. Комисијата постапувајќи по предмет за јавни набавки детектира дека економски оператор од земјава фалсификувал сертификат од хрватска фирма користејќи ја слабоста во постапката кога Комисијата нема обврска да проверува дали се оригинални сертификатите кои учесниците ги прикажуваат на тендерот.

Непостоечка фирма во Скопје со лажни документи, фалсификувала „ИСО“ сертификати, потписи од хрватска фирма и од 2018 до сега добила близу 90 тендери, главно за институции, буџетари. Комисијата до Јавното Обвинителство ќе достави иницијатива за кривично гонење. Антикорупционерите очекуваат експресна реакција, пред сè поради опасноста по човечки животи.
„Постојат основни сомневања дека овој економски оператор, неговиот управител, како и физичкото лице што ги фалсификувало овие сертификати сториле кривично дело“, рече Владо Георгиев – член на ДКСК.
„Се надевам дека многу експресно ќе постапи Јавното Обвинителство дека можеби ќе помине во организиран криминал затоа што ова не е дејствие само на еден“, вели Софка Пејовска Дојчиновска – член на ДКСК.
Антикорупционерите побараа Владата да преземе мерки, да ги извести сите надлежни органи во постапките за лифтови и доколку се појави таа фирма, да биде исклучена.
„Како што е редот на нештата согласно нивниот деловник да ги известат соодветно сите надлежни органи“, рече Катица Николовска-член на ДКСК.
„Доволно е ова за да се процени и од случај до случај, да се тргне од пазарот и да се спречи ваквата појава“, вели Нури Бајрами-член на ДКСК.
Злоупотребена била слабоста при јавните набавки кога комисијата нема обврска да проверува дали сертификатите се оригинални или не, велат од Антикорупциска. Во случајот со Градската болница, Комисијата за јавни набавки ја проверила валидноста на „ИСО“ сертификатите. Комисијата не ја прифатила понудата од наведената фирма, а непостоечката фирма дури вложила и жалба до Државната комисија за жалби по јавни набавки, од каде им била одбиена како неоснована.
Фиљана Кока
