ФИТР: Започнува воспоставување на „Фаб лабс лаборатории за производство-Младите создаваат“
Поради големиот број квалитетни проекти, првичниот буџет од 9 милиони денари беше зголемен со што финансирањето од Фондот изнесува 12 милиони денари...
Со денешното потпишување на договорите започнува воведување на иновациска инфраструктура преку трите проекти на ЦИРКО, ФЕИТ и ИНО ТЕХ КЛУБ Штип, кои се избрани за кофинансирање во рамките на „Предизвик за воспоставување на лаборатории за производство FAB LABS – Младите создаваат”, преку кои ќе се обезбеди пристап до современи технологии за средношколци и млади.
За разлика од поддршката на акцелераторите кои подразбираат иновациска инфраструктура но со фокус на обезбедување менторство и инвестиции, ФИТР преку „ Фаб Лабс“, покрај обуки и менторство ќе обезбеди просторни и технички услови за производство на иновативни решенија, од фаза на идеја до фаза на прототип и тестирање, со можност за мало сериско производство.
„Ме радува што голем број млади луѓе од целата држава ќе имаат можност своите иновации и вештини да ги развиваат во нови и подобри услови. За нас како институција која во континуитет ги поддржува креативците, од големо значење е што индустријата, академската заедница, јавниот и граѓанскиот сектор ќе соработуваат уште поинтензивно благодарејќи на овие проекти. Годинава планираме да поддржиме ваков тип лаборатории и во други градови со цел да им бидат полесно достапни на граѓаните од другите региони“, посочи Фестим Халили, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.
Поради големиот број квалитетни проекти, првичниот буџет од 9 милиони денари беше зголемен со што финансирањето од Фондот изнесува 12 милиони денари, а поддржаните институции ќе вложат околу 2,5 милиони денари сопствени средства.
