Поплаки за онлајн продажба, добивале копија на нарачката
Со зголемената цена на струјата, се зголемиле и поплаките од граѓаните дека не потрошиле онолку колку што им било регистрирано во сметките...
Купиле гардероба или технички производи според понудените карактеристики на интернет-страница, а на адреса им стигнала копија на оригиналот или неисправен производ, без фискална сметка и гарантен лист-дел од поплаките за нарушени потрошувачки права упатени до Организацијата за заштита.
„Кај нас во подем е нелегалната Фејсбук продажба, потрошувачите се измамени бидејќи не добиваат фискални сметки и фактури. Апелираме до потрошувачите да внимаваат од каде, што купуваат, бидејќи можат да добијат оштетен производ, може да им биде злоупотребена картичката да им бидат земени средства, да им бидат злоупотребени личните податоци“, вели Мартина Грнчаровска од ОПМ.
Со зголемената цена на струјата, се зголемиле и поплаките од граѓаните дека не потрошиле онолку колку што им било регистрирано во сметките.
„Ги упативме до надлежните институции, да се обратат до ЕВН, да си ја прочитаат состојбата и да им кажат колку им е состојбата на нивниот мерен уред и доколку не успеат да го решат проблемот на тоа ниво да се обратат до Регулаторната комисија за енергетика и да реагираат таму за високите сметки“, рече Татјана Тасевска од ОПМ.
Потрошувачите реагирале и за нечесна трговска практика со нивелирање на цените по намаленото ДДВ и маржите на прехранбените производи.
„Се очекува промена на фискалните каси за да може на самата сметка која ја добиваат и која е задолжителна да видат дали данокот е 0%. Тие веќе знаат кај кој производи треба да има 0% данок, додека кај маржите потешко може да ги контролираат“, вели Марјана Лончар Велкова Претседател на ОПМ.
На адреса на Организацијата на потрошувачите стигнале 2.600 поплаки за неисполнети законски права.
Сузана Фиданска-Стоевска
