Зеленски: Нема да влеземе во НАТО
Украинскиот претседател порача – треба да разбереме дека не влегуваме во НАТО. Паралелно со дипломатските напори за мировно решение, продолжуваат и борбите. Сè повеќе Украинци ја напуштаат татковината поради руската офанзива. Пречекорувањето на границата не е гаранција за излез од проблемите. Веќе се пријавени неколку случаи на киднапирани лица…

„Нема да влеземе во НАТО“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на видеосредбата со лидерите на Обединетите експедициски сили на Обединетото Кралство.
„Јасно ни е дека Украина нема да стане членка на НАТО. На Киев му се потребни нови форми на соработка со западот и посебни безбедносни гаранции. Најсилната алијанса во светот, НАТО, којашто се чини, или барем некои од нејзините членки, како да е хипнотизирана од руската агресија. Слушаме разни приказни за можна Трета светска војна ако НАТО го затвори украинското небо за русите проектили и авиони. Светот молчи откако беа заземени две нуклеарни централи“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Премиерот на Словенија, Јанша заедно со неговите колеги од Полска и Чешка, во Киев на средба со Зеленски. Паралелно со дипломатските напори продолжуваат и борбите на фронтот.
„Не може да ја победи нашата армија, па почна да се бори со невооружени луѓе, бремени жени, деца, цивили кои заминуваат. Тоа е геноцид во 21 век среде Европа“, изјави Алекс Гончаренко, украински пратеник.
Откако ЕУ и Британија го одобрија четвртиот пакет санкции против Русија, Москва им возврати-воведени се казнени мерки за функционери на САД, вклучувајќи ги и претседателот Џо Бајден и државниот секретар Ентони Блинкен.
Масовни бегалски карвани секојдневно ги преминуваат границите на Украина. Но, пречекорувањето на границите го зголемува ризикот од трговија со луѓе.
„Нашата португалска делегација потврди дека била киднапирана 19-годишна девојка. Обезбедувањето е зголемено овде“, вели Алваро Анхос, доброволец во Полска.
Над 2,8 милиони бегалци ја напуштиле Украина од почетокот на инвазијата.
Маја Стојанова
