Војна

Сè повеќе Украинци ја напуштаат татковината

15.03.2022 18:42

Сè повеќе Украинци ја напуштаат татковината поради руската офанзива. Полска и Романија се меѓу првите нивни станици кон запад, но дел од нив заминуваат и подалеку. Пречекорувањето на границата не е гаранција за излез од проблемите. Веќе се пријавени неколку случаи на киднапирани лица. Од почетокот на инвазијата, Украина ја напуштиле над 2,8 милиони бегалци. Според Обединетите нации, ова е најголемата криза по Втората Светска војна...

Масовни бегалски карвани секојдневно ги преминуваат границите на Украина. Соседните земји прва дестинација кон спасот од ужасот на војната. Покрај Полска и Романија, на најновите групи Украинци им посакаа добредојде и Турција, Германија, Италија и Израел.

„Во Харков е страшно. Секаде паѓаат бомби. Градот е уништен. Веќе нема ни згради ни куќи.“

„Одиме во Германија, но би сакале да се вратиме дома. Тоа ќе се случи само ако се смири ситуацијата.“

„Живееме во близина на аеродром и страшно е. Никој не знае дали нешто ќе се случи. Затоа заминавме. Ќе ни најдат засолниште. Децата мора да спијат и да се образуваат.“

„Немавме избор, моравме да одиме. Рускиот свет не е за нас.“

На полската граница ги пречекаа доброволци кои им понудија храна и помош.

Над 30 илјади украински деца се запишале во полските училишта. Во оваа земја пристигнале над 1,8 милиони луѓе.

„По неколку дена можам да кажам дека сум добро. Сакам да дознаам повеќе, некогаш ми оди тешко, но добро е.“

„Се обидуваме да комуницираме, разбирам неколку зборови, научив малку украински за да можам да зборувам со нив. Си играме на одморите.“

„Украинските деца се многу фини, можеме да играме и да зборуваме. Сакаат да се дружиме.“

„Ми се допаѓа училиштето во Полска. Сакам да учам овде. Оваа другарка ми помага многу, ми преведува и објаснува.“

Вчера од Мариупољ замина конвој во рамките на првиот успешен обид да се организира хуманитарен коридор од градот кој е под опсада.

„Ова е 36-тото школо. Ова беше основно училиште. Деца од прво до четврто одделение учеа овде. Тука немаше војска, нејасно ни е зошто го нападнаа.“

Во Мостар, Босна и Херцеговина, пристигна група со украински одбојкарки. Престојуваат во студентски дом. Тие се од Балта во југозападниот дел кој сè уште не се нашол на нишан на руските војници, но, според нив, таквата можност не може целосно да се исклучи.

„Добивме писмо од неколку девојки од Босна и нè да дојдеме и да останеме додека не се смири ситуацијата во Украина. Размислувавме два дена, па нашите сопружници решија да дојдеме на безбедно“, изјави Олена Елкина, одбојкарка од Украина.

Но, пречекорувањето на границите за многуимна не значи гаранција за спас од проблемите. Надлежните предупредуваат од зголемен ризик од трговија со луѓе. Веќе се пријавени неколку случаи на киднапирани и исчезнати лица. Прифатните центри инсистираат да се регистрираат и бегалците и оние кои им нудат превоз или вработување.

„Нашата португалска делегација потврди дека била киднапирана 19-годишна девојка. Обезбедувањето е зголемено овде. Мислам дека имаме агенти и од тајната полска полиција“, изјави Алваро Анхос, доброволец во Полска.

Над 2,8 милиони бегалци ја напуштиле Украина од почетокот на инвазијата, што според Обединетите Нации, е најголемата криза по Втората светска војна.

 

Маја. С. Филдишев