Усвоена Програмата за интервентен фонд за поддршка на земјоделството
Четири милиони евра за интервентни мерки за растително и сточарско производство...

Владата на денешната седница ја усвои Програмата за интервентен фонд во земјоделството. Со интервентниот фонд засега се предвидени 250 милиони денари за интервентни мерки во растителното и сточарското производство.
„Ова се средства кои се надвор од директните плаќања за субвенции и коишто со Законот за извршување на буџет се предвидени како дополнителни средства преку коишто ќе интервенираме во одредени категории на земјоделски стопанства и производители, со одредена поддршка. Ова се дополнителни средства кои ќе влезат во земјоделството“, изјави министерот за земјоделство, Николовски.
За интервентни мерки во растителното производството се предвидени 120 милиони денари или околу 2 милиони евра за субвенционирање на трошоците за ѓубрива. Според анализите поради регистрираниот пораст на цените на вештачките ѓубрива земјоделците ќе добијат поддршка од 2.500 денари по хектар за направен трошок за набавени вештачки ѓубриња и тоа во количина најмалку од 200 килограми по хектар. Оваа мерка е наменета за производителите на пченица и јачмен, како најзначајни стратешки култури. Корисници на оваа подмерка се земјоделците кои во производната 2021/2022 година имаат засеани површини со пченица и јачмен. Услов за користење на оваа финансиска поддршка е при поднесување на барањата за субвенцијата физичките лица да приложат фискална сметка со пропратен документ за идентификација за припадноста на фискалната сметка (сметкопотврда или испратница) каде е назначен видот на вештачкото ѓубре и количината изразена во килограми, а правните лица ќе треба да приложат фактура со испратница каде е назначен видот на вештачкото ѓубре и количината изразена во килограми вклучително и доказ за извршено плаќање по фактура односно уплатница или извод од банка.
„Сите земјоделци кои од 01. декември 2021 до 30. април 2022 набавиле вештачки ѓубрива, или ќе набават во овој период и ќе ги користат за прихрана ги охрабруваме бидејќи државата е тука, Владата е тука, преку Програмата за интервентниот фонд ќе ги поддржи со 25% покривање на овие трошоци, покрај сите други мерки, политики, зелена нафта, дополнителни субвенции и сето она што го обезбедуваме за поддршка“, посочи Николовски.
Во интервентниот фонд се предвидени и дополнителни средства за одгледувачите на јагниња и на свињи. Односно сточарите ќе добијат дополнителни 400 денари за предадено јагне во регистрирани кланици и 1.500 денари за предадени гоеници во регистрирани кланици.
За овие интеревентни мерки, земјоделците ќе можат да аплицираат од 1-ви мај годинава, што значи во овој помалку од месец и пол период ќе можат да ја комплетираат потребната документација. Исплатата за мерките ќе биде најдоцна до 30-ти јуни оваа година.
