Македонија

Брисел ја одобри ИПАРД 3 програмата

16.03.2022 08:08

Брисел ја одобри новата ИПАРД 3 програма. Покрај досегашните има и дополнителни мерки и неколку новини за полесна реализација на инвестициите во земјоделството и руралниот развој. Во ИПАРД 3 ќе има и предфинансирање на инвестициите. Објавувањето на јавните повици треба да почне годинава.

Европската програма за земјоделство и рурален развој ИПАРД 3 е од 2021 до 2027 година и за нашата земја е проектирана сума од 97 милиони евра.

Во неа се предвидени четири нови агроеколошки мерки и тоа за органско производство, за локални акциски групи, за изградба на инфраструктурни објекти и за советодавни услуги. Последната мерка што сега се најавува е од областа на шумарството, а ќе се активира за две до три години.

Една од поважните новини за производителите, е авансното финансирање. Секој корисник, кој ќе аплицира ќе има можност да добие 30 до 50 отсто од вложените средства веднаш по потпишувањето на договорот. Досега земјоделците прво требаа да ја реализираат целата инвестиција па потоа платежната агенција да им исплати најмалку 50 проценти од трошоците.

Новина е и тоа што како корисник на ИПАРД средствата ќе може да се јават задруги, организација или група производители и правно лице формирано од повеќе индивидуални производители, здружение или асоцијација.

Со новата ИПАРД 3 Програма, се планира да се зголеми и прагот на минимална инвестиција.

Методија Трајков