КОШАРКА

Нова незаборавна НБА вечер

15.03.2022 21:29

Србинот ја однесе победата, а за утеха Џоел Ембид беше најефикасен со 34 поени...

Во НБА лигата уште една незаборавна вечер, зачинета со спектакуларни остварувања. Дуелот Јокиќ-Ембид, 60 поени на Таунс, роденденските 47 на Кари и втората вечер на Јанг со над 45 поени. Никола Јокиќ постигна 22 поена, имаше и 13 скокови, 8 асистенции и по 2 украдени топки и блокади во гостинската победа на Денвер во Филаделфија со 114:110. Мечот беше пресметка на најдобрите центри во лигата и главни конкуренти за МВП трофејот, како и минатата година. Србинот ја однесе победата, а за утеха Џоел Ембид беше најефикасен со 34 поени.

Третиот врвен НБА центар, Карл Ентони Таунс ги засени сите. Постигна 60 поени во гостинскиот успех на Минесота во Сан Антонио, 149:139 со рекорден број поени во историјата на клубот. неговите 32 поена во третиот период се НБА рекорд во една четвртина. Во минатото, само петмина кошаркари, меѓу кои Мајкл Џордан и Вилт Чембрлен успеале во кариерата да постигнат најмалку 60 поени и притоа да освојат 15 скокови во еден натпревар.

Тре Јанг блескаше со 46 поени во победата од 122:113 против Портланд, само една вечер откако даде 47 поени против Индијана, со што бекот на Атланта стана единствен сезонава со таков ефект во само два дена.

Историската вечер во која на 3 натпревари тројца кошаркари надминаа 45 поени ја заокружи Стеф Кари со 46 поени на својот 34-ти роденден, во победата на Голден Стејт со 126:112 над Вашингтон. Само уште тројца играчи имаат постигнато над 45 поени на својот роденден, а Кари е највозрасниот од нив.