Претседателски и локални избори денеска во Авганистан

05.04.2014 11:01

Овие избори ќе претставуваат прва демократска транзиција на власта во историјата на Авганистан...

Околу 12 милиони жители на Авганистан со право на глас, денеска ќе избираат нов претседател на државата меѓу 11 предложени кандидати, јави ДПА.
 
Претседателот Хамид Карзаи, кој управува со државата над 12 години по падот на режимот на талибанците, нема право на нов мандат. Овие избори ќе претставуваат прва демократска транзиција на власта во историјата на Авганистан.
 
Аналитичарите проценуваат дека на овие трети претседателски избори во Авганистан од уривањето на талибанскиот режим, најголеми шанси за победа имаат лидерот на опозицијата и поранешен министер за надворешни работи Абдула Абдула, некогашниот лидер на муџахедините Абдул Расул Сајаф и долгогодишниот соработник на актуелниот авганистански претседател Хамид Карзаи и екс-шеф на дипломатијата Залмај Расул.
 
Карзаи согласно Уставот нема право на трет претседателски мандат, па по овие избори функцијата ќе му ја препушти на неговиот наследник, кој ќе има тешка задача да се справи со бунтовниците и да ја засили безбедноста во земјата. Оваа задача ќе му биде отежната имајќи предвид дека силите на НАТО ќе ја напуштат земјата до крајот на годината, бидејќи Карзаи одби да го потпише договорот со САД со кој ќе се овозможеше останување на дел од американските војници во земјата.
 
Поради ова, новиот претседател ќе биде принуден да се потпира само на сопствената полиција и армија во спроведувањето со талибанските бунтовници, што нема да биде ни малку лесна задача.