Почнува чистењето на токсичниот отпад од Охис
Направени последните проверки за почнување на чистењето на линданот од малата депонија во Охис. Акцијата е владино и меѓународно партнерство. Процесот ќе биде подолг од предвидената една година. По целосното расчистување на малата, ќе се прави план за чистење и на големата депонија. Надлежните уверуваат – преземени се сите мерки за да се избегне какво било разнесување на опасниот материјал…

Од идната недела ќе почне чистењето на 700 тони токсичен отпад и 900 тони контаминирана почва во Охис. Завршуваат подготвителните активности за чистењето на малата депонија со линдан. За овој процес, земјава заедно со меѓународните партнери обезбедила девет ипол милиони евра.
Иако беше предвидено целиот процес да заврши за една година, сепак, крајот е одложен.
„Она што е важно е дека сите дополнителни работи и одложувања беа со цел да се избегне какво било разнесување на опасниот материјал кој ќе се ископува од малата депонија да се заштити околината и населението кое гравитира во поширокиот реон околу депонијата“, изјави министерот за животна средина, Насер Нуредини.
Евроамбасадорот Гир смета дека заради војната во Украина и ковид пандемијата Европа е соочена со економски тешкотии но, не смее да се заборави на приоритетите за заштита на животната средина.
„Ни претставува задоволство што имавме можност да дадеме свој придонес во износ од два ипол милиони евра за овие практични напори. И самите можете да ја видите методологијата којашто се користи овде“, нагласи евроамбасадорот Дејвид Гир.
Ремедијацијата на линданот од „Охис“ ќе реши децениски проблем кој се закануваше да биде еколошка катастрофа.
Катерина Топалова
