МВР-ЗНМ

Поголема соработка меѓу новинарите и полициските службеници

16.03.2022 16:30

Новинарите и полициските службеници работат за јавниот интерес, затоа е потребна уште поголема соработка меѓу нив, беше кажано на заедничкиот семинар на МВР и ЗНМ. Новинарите треба да објавуваат информации кои се потврдени официјално од Министерството и Обвинителството и да внимаваат да не наштетат на истрагата и жртвите. Учесниците се согласни дека идентитетот на јавна личност сторител на кривично дело е исклучок во објавувањето на веста, а полицијата мора да се стави во заштита на новинарите кои ја вршат својата работа…

Билтенот на дневни настани на МВР е солиден извор за црпење информации од интерес за граѓаните. За медиумите тие се основа за продлабочување на истражувањето одредени појави и случаи од јавен интерес, посочи портпаролот на МВР, Тони Ангеловски. При размена на информациите, пред да ги објават новинарите мора да ги добијат потврдени и точни од Министерството или Обвинителството за да не се направи штета на жртвата или да се открие идентитетот на извршителот на делото поради презумција на невиност, и секако за да не се загрози истрагата.

Но, кога јавни личности се сторители на кривични дела, поради јавниот интерес се препорачува да им биде откриен идентитетот, но откако за тоа ќе има точни и официјални информации, вели новинарот Чанчаревиќ.

Соработката мора да се продлабочува меѓу полициските службеници и новинарите, согласни се учесниците пред сè, што и едните и другите работат за јавниот интерес.

Во услови на зголемено насилство врз новинарите при вршење на својата должност полицијата се сензибилизира за поголема нивна заштита. За оваа цел соработката продолжува, велат од ЗНМ.

Фиљана Кока