Земјоделство

Каде ќе се пласира струмичкото раноградинарство?

16.03.2022 18:00

Засега нема конкретна информација што ќе се случи со раноградинарството од струмичката котлина. Од Министерството за земјоделство велат дека се бараат алтернативни пазари и можност да се зголемат финансиските средства во интервентниот фонд за помош и поддршка на раноградинарите…

На праг на првите берби од зелката, Министерството за земјоделство будно ќе ги следи тековите. Барале алтернативни пазари, средби со амбасади, 4.300 денари по хектар зелена нафта по претходно утврдена методологија за работа.

Министерот Николовски денес од Струмица порача дека раноградинарите ќе бидат опфатени и со новиот интервентен фонд, од кој најголем дел од мерките се за полјоделството и сточарството, но ќе бараат начини како да се зголемат финансиските средства и за раноградинарството.

Земјоделците загрижени дека сè уште нема конкретни информации каде ќе заврши нивното производство. Бараат и финансиска поддршка и за набавка на репроматеријалите, чии цени рапидно пораснаа.

За десеттина дена од струмичката котлина се очекува на пазарите да се појават првите зелки, краставици, пиперки, домат. Земјоделските експерти велат дека производството на некои раноградинарски производи е зголемено за 30-тина отсто, што дополнително прави притисок на земјоделците, каде ќе го пласираат родот.

Стојне Митева